Историски пораз на Македонија во Англија
Македонската фудбалска репрезентација доживеа втор пораз во низа во рамките на третото коло од квалификациите за Европското првенство, откако на „Олд Трафорд“, фаворитот Англија ни одржа лекција и не декласираше со 7:0...

Македонската фудбалска репрезентација доживеа втор пораз во низа во рамките на третото коло од квалификациите за Европското првенство, откако на „Олд Трафорд“, фаворитот Англија ни одржа лекција по модерен фудбал и не декласираше со 7:0.
Македонија вечерва одигра добро само во првите половина час, сè додека Кејн по асистенцијата на Шо не го отвори резултатот во 29. минута. По ова постоеше само еден тим на теренот, а Англичаните им приредија спектакл на своите навивачи. Се редеа шансите пред голот на Столе Димитриевски. Во 39. минута Сака со одличен удар под пречката зголеми на 2:0, а во 45. минута Рашфорд зголеми на 3:0.
Како што заврши првото, така продолжи и второто полувреме. Веќе во 47-та минута Сака зголеми на 4:0, а четири минути подоцна фудбалерот на Арсенал го комплетираше својот хет-трик за 5:0.
Во 64. минута Калвин Филипс зголеми на 6:0, а конечните 7:0 ги постави Хари Кејн од, рака на срце, непостоечки пенал. До крајот Англија имаше уште неколку шанси, а кај нас, освен Елиф Елмас, ниту еден играч не се ни трудеше, ниту пак се обидуваше да направи нешто.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски беа немоќни на секој дел од теренот.
