Ден на Охридско Езеро
Во очи на утрешниот ден на Охридското Езеро иницијаторите на овој проект посочуваат дека во изминатите дваесет и три години е многу направено за подигање на јавната свест за заштита на Езерото, но дека многу проблеми остануваат и мора да се надминат. Пред сè треба да се прекине со реферирање од некои невладини организации пред УНЕСКО за проекти кои се прекинати и веќе заборавени со што му се наштетува на Охридскиот регион, а фокусот да се стави на реални проблеми како што се урбанизацијата и узурпацијата на брегот од Езерото …

Приказната околу УНЕСКО денес е помалку дефокусирана. Сè уште се реферира за мерки и некои планови коишто требало да се реализираат, но ништо од тоа не е направено. Ова е ставот на експертот за прекугранично управување со води, Дејан Пановски, кој посочува дека поради тоа треба да се седне на маса и транспарентно да се разговара со УНЕСКО, а не да се праќаат писма од невладини и други организации кои се половично точни, а притоа градот и Езерото не се загрозени.
„Охрид во контекст на УНЕСКО најмногу настрада заради работи коишто не се направени. Гледате го нема патот за Галичица што беше проблем, Студенчишкото блато е прилично санирано, ставено под заштита, железницата којашто ја нема. Значи проекти коишто не само што се застанати, туку дел од нив и заборавени“, изјави Пановски.
Охрид не треба да се става во дупка заради некакви интереси коишто немаат никаква врска со критериумите на УНЕСКО вели тој, вклучително и дивоградбите кои се наш национален проблем којшто самите мора да го решиме.
„Во контекст на урбанизацијата секако сметам и натаму дека треба да почне процес на деурбанизација и деузурпација на брегот од Охридското Езеро. Се она што е узурпирано да се врати назад, се она што е урбанизација како процес да се оддалечи од центарот на градот“, додава Пановски.
Според Пановски без тие два елементи не можеме да направиме посериозен напредок, бидејќи несфатливо е да никнат дивоградби дури и на државно земјиште во заштитени подрачја.
Сашо Нелоски
