70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Со свечена академија, одбележани 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од објавувањето на „За македонцките работи“. Постоењето на вековната македонска историја и култура го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човекови права и идентитет, истакна премиерот ковачевски. Институтот е единствена лексикографска школа во земјава. Посебно сме горди на зборникот „Погледи на македонскиот јазик“, кој на 720 страници со трудови од врвни лингвисти од земјава и од странство е научен одговор на провокациите за постоењето на македонскиот јазик, рече директорката...

Постои македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за слободен национален живот. Денес се поклонуваме на делото на Мисирков затоа што неговиот аманет е примен и испочитуван, истакна премиерот Ковачевски на одбележувањето 70 години од создавањето на Институтот за македонски јазик. Успеавме да го претставиме македонскиот јазик на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со отворање на преговорите со ЕУ рече Ковачевски.
Институтот е основан пред 70 години со задача сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните работници во него истакна директорката Јованова-Грујовска. Трасирани се патиштата, а чекорењето по нив продолжува кон новите предизвици на општественото живеење-рече директорката на Институтот.
На свечената академија беа одбележани и 120 години од книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.
Ана Јосифоска Тодоровска
