Косово

Блокади на премините во северниот дел на Косово

20.06.2023 13:16

Граничните премини Јариње, Мердар и Брњак на северот на Косово сè уште блокирани од камионџии. На мирниот протест, Србите бараат ослободување на уапсените. Во Вашингтон, Атлантскиот совет ќе заседава за Косово и Србија…

Протести во Лепосавиќ и Митровица. Блокади на патиштата во северниот дел на Косово. Приштина и натаму ја спроведува забраната за влез на камиони со српски таблички. Уапсен е уште еден 28-годишeн Србин, поради наводна вмешаност во напад врз новинари.

Шефот на европската дипломатија, Борел, ги повика српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти на вонреден состанок в четврток. Претседателот на владата во Приштина без конечна одлука за присуството на средбата. Брисел предупреди, ако не продолжи дијалогот, последиците ќе ги сносат граѓаните на двете страни.

Командантот на мисијата на НАТО на Косово, бара да не се користи непотребна реторика, бидејќи постои само политичко, а не воено решение.

„Драстичното намалување на бројот на трупи на КФОР од 1999 година е јасен знак за постигнатите успеси. За жал, денешната динамика нè загрижува. Двете страни мора да ги деескалираат тензиите и што побрзо да најдат политичко и дипломатско решение“, изјави Микеле Ристучија, командант на мисијата на КФОР на Косово.

Од почетокот на јуни, на Косово пристигна засилување од 500 нови турски војници во составот на КФОР. распоредени се во Зубин Поток, каде што живее мнозинско српско население.

Тензиите, тема и на Атлантскиот совет каде што заменик-помошникот државен секретар и претставник на САД за Западен Балкан, Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Лајчак, презентираат можни решенија за намалување на тензиите.

Маја С. Филдишев