ПССЕ: СДСМ да се однесува одговорно
Во декларацијата што на денешната седница на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур беше усвоена за земјата откако беше разгледан извештајот за претседателските и парламентарните избори во Македонија, стои дека Аспирациите на Македонија за евроатлантска интеграција се можни само со одговорно однесување на сите актери во политичкиот живот, пренесува МИА.

На заседанието беше формирана Постизборна комисија составена од тројката Боб Валтер, известител за Македонија, Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комитетот и Андреас Грос, шеф на социјалистичката група, чија цел е да ја посетат Македонија во следните два месеца и да укажат на опозицијата на ставовите на ПС на Советот на Европа и да ги повикаат да се вратат во Собранието и одговорно да се однесуваат.
Во декларацијата е истакната загриженост за однесувањето на СДСМ и нивното неприфаќање на пратеничките мандати и не признавањето на легитимитетот на претседателот Иванов и да се осуди бојкотот на ДУИ на претседателските избори.
Беше потенцирано дека на изборите беа испочитувани основните слободи и кандидатите можеа слободно да водат кампања без опструкции, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Исто така, се повика доколку има забелешки, тие да се разгледаат во рамки на соодветните институции.
Мониторинг комитетот изразува надеж дека и опозицијата, како и власта, ќе се однесува одговорно кон довербата дадена од граѓаните и целосно ќе го исполни својот мандат преку учество во работата на Собранието.
