Политика

Власта и опозицијата и понатаму со спротивставени позиции за уставните измени

20.06.2023 14:36

Предлог-иницијативата за уставни измени и натаму на „Илинденска“ чека да биде разгледана. Пред извршната власт е иницијативата од работната група, која предлага во Уставот да бидат вметнати уште шест делови од народи, меѓу нив и бугарскиот. За премиерот Ковачевски, она што е постигнато на лидерската средба со Мицкоски е добра основа да се продолжи понатаму и да се донесат вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа. ВМРО-ДПМНЕ чека одговор за нивните предлози...

Предлог иницијативата за уставни измени е во владина постапка. Премиерот Ковачевски со неодреден став, кога измените кои се однесуваат на вметнување на уште шест делови од народи вклучително и бугарскиот ќе бидат разгледани и усвоени. Премиерот убедува дека сите барања на првиот човек на најголемата опозициска партија биле прифатени на лидерската средба, и дека освен најави за поединечни разговори со пратениците, не се вршат притисоци на народните избраници.

Во законодавниот дом власта и опозицијата и понатаму со спротивставени позиции. ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема двотретинско мнозинство за отворање на уставот. СДСМ пак со обвинувања дека опозицијата постојано го менува својот став и потребно е да се одлучат и да ја прифати понудената рака.

Од моментот на внесување на предлог уставните измени во собраниска процедура, течат роковите според кои, постапката за разгледување во собраниските тела, вклучително и пленарната седница на која би се гласале треба да завршат најдоцна до ноември.

Марина Стојанова Тонева