Обвинителство

Истрага за тешката сообраќајна несреќа кај Блаце

20.06.2023 14:42

Обвинителството за 64-годишен скопјанец покрена предистражна постапка за сообраќајката кај Блаце, во која загинаа тројца косовски државјани. Се соочува со обвинение за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Обвинителството од судот побара да му определи куќен притвор и да му биде одземен пасошот …

64-годишен скопјанец се соочува со истрага за сообраќајната несреќа на патот Скопје – Блаце во која загинаа тројца косовски државјани. Од Обвинителството велат дека во саботата, на 17-ти јуни осомничениот со автомобил „Фолксваген туран“ тргнал кон косовската граница и кога дошол пред тунелот Бадар каде сообраќајот е регулиран со знаци поради работа на патот, почнал да ја претекнува колоната возила. Дошло до судар со автомобил „БМВ“ со косовски ознаки кој се движел како трето возило во колоната што ја престигнувал.

Како резултат на ударот, автомобилот „БМВ“ излегол од коловозот и паднал во коритото на реката Лепенец, при што од возилото успеал да излезе само еден од патниците, а телата на останатите тројца беа пронајдени следниот ден откако автомобилот беше извлечен од водата – стои во соопштението од Обвинителството.

Истрагата се води за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, а ќе опфати и сослушување на сведоци како и повеќе вештачења со цел да се утврдат причините за несреќата.

Имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на осомничениот, обвинителството побара од Судот да му определи куќен притвор, но и да му биде одземен пасошот како гаранција дека ќе биде достапен во текот на кривичната постапка.

 

Анита Димитријевска Велковска