Домашните компании производно да се поврзат со странските!

16.05.2014 16:49

Домашните компании бараат ист третман со странските кои инвестираат во зоните. Владата тврди дека законот не прави разлика меѓу инвеститорите. Се бара начин домашните фирми на долг рок да ја подобрат конкурентноста и да се интегрираат во производните програми на странските инвеститори...

Државата не ги дели инвеститорите и за сите компании важат исти закони, затоа што главна цел е привлекување инвестиции и отворање нови работни места. Министрите за економија и за странски инвестиции Ваљон Сараќини и Веле Самак ги убедуваа домашните бизнисмени дека можат без проблеми да инвестираат и во ТИРЗ-овите, но советуваат преку набавка на нова опрема да ја подобрат конкурентноста и производно  да се поврзат со странските инвеститори.

„Наша желба и цел е домашните фирми да се интегрираат, да ги искористат можностите. Да видат каде се тие потенцијали, да инвестираат во нови машини, во нови капацитети во нови вработувања за што им треба поддршка. Да почнеме дебата на едно друго ниво, како домашните фирми да се интегрираат долгорочно во производните процеси на странските фирми што се тука во Македонија и на тој начин да се зголеми БДП, вработеноста и извозот“, вели министерот за странски инвестиции, Веле Самак.

Зоните сега вработуваат  2600 лица ,а до крајот на годинава нивниот број ќе достигне 4200. Извозот во првиот квартал надмина 250 милиони евра и во однос на лани е зголемен за 95%.Затоа зоните се магнет за вложување и за домашните бизнисмени.

„Можност законска постои, за влез на нашите компании во зоните, но за определени дејности. Ние не можеме да инсистираме македонските компании што имаат одлична позиција во одредена дејност да инвестираат сега во висока технологија за да можат да ја користат. Затоа, Стопанска комора е на линија преку други механизми да се поддржат домашните компании и на тој начин да се влијае на нивната рамноправна позиција на пазарот“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија. 

Се предлага преку докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот  таа да биде кредитно поактивна. Се бара и формирање Гарантен фонд потребен особено за производните компании при  отпочнување на извозно ориентирани серии.

Свето Николовски