Граничните премини Јариње, Мердар и Брњак на северот на Косово сè уште блокирани
На северот состојбата и натаму тензична, протести во Лепосавиќ и Митровица. Блокади на патиштата во северниот дел на Косово. Приштина и натаму ја спроведува забраната за влез на камиони со српски таблички...

Во 2024 Косово нема да биде во центарот на вниманието, прашањето да се реши до крајот на годината, вели специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Во интервју за Атлантскиот совет, во кое учествуваше со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар истакната потребата од дијалог. Според Европскиот претставник, дијалогот во Брисел ќе се одржи, се работи на датумот, а доколку лидерите кажат „не“ тоа би било сериозен негативен чин.
„Ги поканувам двете страни да дојдат во Брисел за да го продолжиме дијалогот. Мораме да се вратиме на Охридскиот договор и неговата имплементација. Не можеме да ја принудиме едната страна да не прави ништо, туку мора двете страни да работат на имплементација“, изјави Мирослав Лајчак – претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Претставникот на Вашингтон вели дека моменталната ситуација на северот на Косово загрижува и има потенцијал да стане регионален конфликт. САД ги поддржуваат изборите на север, ги признаваат изборните резултати и легитимитетот на градоначалниците, но Ескобар вели дека косовската влада не може насилно да ги окупира општинските згради.
„Постои потенцијал ова да прерасне во регионален конфликт. Загрижен сум за актуелната ситуација и прв приоритет е да се тргнат луѓето од улиците и да се одржат нови локални избори на кои Србите ќе учествуваат без предуслови. Ги охрабрувам страните да се свртат кон дијалог“, изјави Габриел Ескобар-специјален пратеник на САД за Западен Балкан.
Вашингтон и Брисел со порака, целат е да се приближи Косово до ЕУ и НАТО, и да се донесат повеќе инвестиции во Србија. Претходно, српскиот претседател Вучиќ изјави дека нема да разговора со косовскиот премиер Курти.
„Нема да разговарам со Курти, сè додека не биде ослободен секој уапсен Србин, додека не се повлечат лажните албански градоначалници од северот и додека не се повлече косовската специјална полиција која апси секој ден“, рече Александар Вучиќ-претседател на Србија.
Косовскиот премиер побара тројцата полицајци веднаш и безусловно да бидат ослободени. Потврди дека ќе учествува на состанокот што претходно го побара шефот на Европската дипломатија, Борел.
„Подготвен сум да одам на следната средба во Брисел, за да можам детално да ги претставам сите податоци што ги добивме. Деескалацијата што сите ја бараат значи итно ослободување на тројцата полицајци и казнувањето на српската агресија на Косово“, изјави Албин Курти – премиер на Косово.
На северот состојбата и натаму тензична, протести во Лепосавиќ и Митровица. Блокади на патиштата во северниот дел на Косово. Приштина и натаму ја спроведува забраната за влез на камиони со српски таблички.
Маријана Димовска
