Конференција за собирање средства за обнова на Украина
Дводневна Меѓународна конференција во Лондон фокусирана на закрепнувањето и обновата на Украина. Дипломати од десетици земји собираат средства за земјата која беше житница за леб на Европа-изјави на отворањето британскиот премиер Сунак. Шефицата на Европската Комисија ги истакна проценетите потреби. За брзо закрепнување потребни се околу 50 милијарди евра. Зеленски изјави дека Украина успеала да ја направи ЕУ обединета како никогаш досега. Упати порака за важноста неговата земја да ѝ се приклучи на НАТО. На истокот од Украина и натаму се водат жестоки борби...

Дводневна Меѓународна конференција во Лондон фокусирана на закрепнувањето и обновата на Украина. Дипломати од десетици земји собираат средства за земјата. Огромна задача, чиј трошок Светската банка го проценува на над 400 милијарди долари – бројка што секојдневно се зголемува заедно со црниот биланс на жртви во 16-месечната инвазија.
„Тоа беше житницата за леб на Европа, извоз на милиони тони храна и жито секој месец. Најдобрите пет извозници на железна руда и челик, лидер во енергијата на обновливите извори на енергија. Војната само докажа колку Украина има да понуди. Ова е енергична, динамична, креативна, европска земја која одбива да биде покорена. Затоа, заедно со нашите сојузници, ќе ја одржиме нашата поддршка за нејзината одбрана и за контраофанзивата. Ќе стоиме со неа онолку долго колку што е потребно за тие да продолжат и да ја добијат оваа војна“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.
Американскиот државен секретар Блинкен, треба да го објави новиот пакет помош од САД, истовремено порачувајќи и на Русија дека сојузниците на Украина се со неа на долг рок. Шефицата на Европската Комисија ги истакна проценетите потреби.
„До 2027 година, фискалниот дефицит на Украина е околу 60 милијарди евра, а потребите за брзо закрепнување се околу 50 милијарди евра, што значи вкупно се потребни 110 милијарди кои недостигаат“, изјави Урсула вон дер Лајен, претседател на Европската Комисија.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека Украина успеала да ја направи ЕУ обединета како што никогаш досега. Преку видеоврска од Киев упати порака до Лондон за важноста неговата земја да ѝ се приклучи на НАТО, бидејќи е составен дел на „моралната сила“ на организацијата.
„Ова е навистина единство на вредности што се рефлектира во многу политички, економски санкции и хуманитарни одлуки. Украина ги активираше сите моќта на солидарноста за која е замислена ЕУ, а Украина исто така ја активира моралната сила на НАТО. Ова е важно за сите нас. Украина веќе припаѓа на вредносниот простор на ЕУ. Ние веќе припаѓаме на безбедносниот простор на НАТО“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Шефот на НАТО призна дека Украина се соочува со тешкотии во контраофанзивата и најави дека ќе и помогне во модернизација на украинската војска. Рускиот шеф на дипломатијата Лавров пак, на тоа му одговори дека ако НАТО изјави дека се противи на замрзнување на конфликтот во Украина, тогаш тоа значи дека сакаат војна за која Русија е подготвена. Во меѓувреме, на истокот од Украина се водат жестоки борби. Двете завојувани страни тврдат дека напредуваат во офанзивата.
Бојана Крстевски
