Македонија

Мерко и неговото потесно семејство на американската црна листа, непогодни за влез во САД

21.06.2023 13:14

„Се надевам дека санкциите од САД ќе и помогнат на Македонија во борбата против корупцијата“, вели американскиот помошник државен секретар Ескобар. Министерката Гроковска чека реакција од правосудните органи. Од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека ова е потврда на тоа што постојано го говореле, оти ДУИ треба да заминат во опозиција...

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и неговото потесно семејство се ставени на американската црна листа и се непогодни за влез во САД, поради вмешаност во корупција и влијание врз судските органи. Стејт депарментот соопшти дека Мерко додека ја извршувал функцијата градоначалник, присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи и штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија.

„Ставањето на листата за санкции има за цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет“, соопшти Ричард Нефју, координатор за антикорупција на Стејт департментот.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изрази надеж дека ова и помага на Владата на Северна Македонија, да продолжи со напорите за борба против корупцијата. Американската амбасадорка најави дека САД разгледуваат и други личности од Македонија, кои може да се најдат на црната листа поради корупција

Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, очекува реакција од правосудните органи, откако САД го прогласија Мерко за персона нон грата.

„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, порача на Фејсбук Грковска.

Реагираше и претставник на ДУИ, по ставањето на градоначалникот од редовите на нивната партија на американската црна листа.

„ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ставањето на Мерко на американската црна листа е потврда за криминалот во ДУИ, дека оваа партија мора да замине во политичка пензија.

„Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ. Ова не е прв пат, нашите меѓународни партнери да ја нотираат дуизацијата на судството. Истото беше и со назначувањето на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал, кој беше фатен во друштво со цел врв на ДУИ, кои пред да излезат фотографиите, тврдеа дека не го познаваат. Ваквите соопштенија, извештаи и ставови на нашите меѓународни пријатели се уште една потврда на сето тоа што го зборува ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ мора да замине во политичка пензија. Таа партија мора да се исчисти од криминалните и корумпирани кадри, време е за промени“, изјави Мирче Агиоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Мерко е првиот македонски државјанин којшто е ставен на црната листа, по најавите од Вашингтон за санкционирање на личности од Македонија поради корупција.

Ирина Гелевска