Здравство

Во Министерство нема пријава дека пациентите на инсулин немаат ленти, вели Меџити

21.06.2023 13:30

Пациенти велат оти шест месеци немаат лекови за мерење на шеќерот во крвта. Министерот Меџити ги упатува да поднесат барање, кое надлежните ќе го разгледаат и ќе бидат упатени за нивниот проблем. Пациентите тврдат оти неколку пати барале средба со министерот, но таа досега не е реализирана...

45.000 пациенти со дијабет кои се на инсулинска терапија, шест месеци се без ленти за мерење на шеќер во крвта. Од Сојузот на здруженија на дијабетичари, преку МТВ прашаа дали министерот ќе побара одговорност, зошто овие пациенти се оставени без ленти и дали ќе им ги рефундираат парите за трошоците што ги имаат направени бидејќи една кутија ленти чини од 500 до 1200 денари, a некои пациенти им се потребни по три кутии во текот на месецот.

Министерот за здравство, Меџити, вели во Министерство досега нема пријавено дека има таков проблем, сите пациенти се исплатени со она што им е потребно.

Од Сојузот на здруженија на дијабетичари велат, барале прием кај министерот.

Според надлежните проблемот на 45.000 пациенти, наскоро ќе се реши. Завршна е јавната набавка за ленти и игли и наскоро ќе се дистрибуираат во инсулинските аптеки и до крајните корисници. Најновите инсулини се веќе доставени и во моментот нема недостиг од ниту еден инсулин, тврдат од Министерството за здравство.

Наташа Јанчиќ Менковски