Вила Водно

Доделена „Повелба на Република Северна Македонија“

21.06.2023 14:14

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во вилата Водно го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на три организации и на четири еминентни личности кои со пожртвувана работа и посветеност остварија значителен придонес за остварување на човековите права и слободи на лицата со хендикеп, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот и за унапредување на родовата еднаквост...

Три организации и четворица истакнати личности се закитија со признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ откако со пожртвувана работа покажаа што значи грижа за децата и за лицата со хендикеп, им помогнаа на обесправените и ја кренаа свеста за болните од рак. Претседателот Пендаровски го додели ова високо државно одликување на „СОС Детско Село“, на Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, на Движењето против хендикеп „Полио Плус“, како и на Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев.

Шефот на државата истакна дека по повеќе од три децении независност имаме активни невладини организации кои дејствуваат како коректив на државата, но и како рамноправен партнер што нуди услуги на луѓето на кои помошта им е најпотребна.

Пендаровски заклучи дека без силен и развиен граѓански сектор не е можна успешна и демократска Македонија.

 

Анита Димитријевска Велковска