Македонија

Со Охридскиот вински фестивал се отвора туристичката сезона во Охрид

21.06.2023 14:32

За разлика од минатите години овогодинешната главна туристичка сезона во Охрид, ќе биде отворена со манифестацијата „Охридски вински фестивал“. Со овој настан се очекува на охридското крајбрежје да се привлечат повеќе странски и домашни туристи, особено оние кои уживаат во добрата капка вино...

Со отворањето на „Вино Фест 2023“, утревечер во Охрид, ќе биде означен почетокот на летната туристичка сезона. Гостите и домаќините покрај тоа што ќе имаат можност да ги дегустираат најдобрите македонски вина ќе уживаат во закуските и музичките перформанси на познати македонски изведувачи. Оваа нова содржина, која за прв пат се одржа лани, во септември, ќе придонесе за подобра промоција на Охрид, земјата и македонските вина во светот.

„Увидовме некои работи дека е попрактично да ја започнуваме сезоната со ваков еден фестивал притоа добивајќи на квалитет во овој фестивал. Кога ќе кажам квалитет мислам на најдобрите македонски винарии без исклучок оваа година збогатени со винарии од буквално сите региони во Македонија и сметаме дека тоа е правилен почеток на сезоната“, вели охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.

Се очекува со тек на годините охридскиот вински фестивал да добие интернационален карактер.

„Овој фестивал што го започна општината да стане еден убав регионален фестивал и треба да му се даде шанса и време, бидејќи традицијата не се прави во година, две, така што верувам дека во наредните 3,4 години овој фестивал ќе стане доста добар и мислам дека ќе има не само од регионот, се надевам дека и од Франција ќе има“, изјави Пане Темов, коорганизатор на винскиот фестивал.

На Винскиот фестивал учество ќе земат над 20 винарии, а посетителите ќе можат да уживаат во вкусот на македонски сорти вино како што се Станушина, Вранец, Темјаника и други.

Сашо Нелоски