Тетово

По две децении пробиен вториот дел од булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово

21.06.2023 16:15

По две децении конечно пробиен вториот дел од булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово. Се работи за делница од 400 метри која значително ќе го растерети сообраќајниот хаос. Општината го промовираше проектот, опозициската ДУИ велат тоа е дело на Владата...

Општинската администрација на чело со градоначалникот, кој го отвори новиот дел од булеварот со сечење на црвена лента, направија обиколка на делницата во должина од 400 метри. Касами вели дека се соочиле со големи проблеми при изградбата, но на крајот граѓаните добиле сообраќајница која значително ќе го растерети сообраќајот.

Пред три недели вицепремиерот Артан Груби прошета по „Благоја Тоска“, истакнувајќи дека делницата е дело на централната власт.

И од советничката група на ДУИ пред денешниот настан, истакнаа дека владата е најзаслужна, оти таа ги обезбедила парите за реализација на Благоја Тоска.

Градоначалникот Касами вели дека челниците на ДУИ се така навикнати, да се фалат со туѓи достигнувања и проекти.

Со овој проект ќе се ублажи, но нема целосно да се решат проблемите со сообраќајниот хаос во овој дел од градот, оти не се работи за целосно пробивање на Благоја Тоска.

 

Зоран Димовски