Штип

Новите оклопни возила на Армијата ја покажаа својата моќ – презентација на возилата JLTV

21.06.2023 17:04

Армијата во моментов располага со 32 вакви возила од американско производство, а набавени се во рамки на процесот на модернизација и опремување на македонската Армија кој вклучува набавка и на оклопни транспортери од типот Stryker, нови системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи, нови повеќенаменски хеликоптери и друга опрема со која се зголемува безбедноста на државата и колективната безбедност на Алијансата...

Денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип пред министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, американската амбасадорка Анџела Агелер и пратеници во Собранието на Република Северна Македонија беа презентирани новите оклопни возила од типот JLTV кои се составен дел на арсеналот на Армијата.

Армијата во моментов располага со 32 вакви возила од американско производство, а набавени се во рамки на процесот на модернизација и опремување на македонската Армија кој вклучува набавка и на оклопни транспортери од типот Stryker, нови системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи, нови повеќенаменски хеликоптери и друга опрема со која се зголемува безбедноста на државата и колективната безбедност на Алијансата.

Министерката Петровска пред присутните истакна дека македонската Армија долго време беше оставена и без поддршка со низок војнички стандард без доволно средства за одржување а камоли нејзин развој и опремување, а дека денеска зборуваме за современо вооружување

„Пред десетина години главни предизвици беа војничките чизми и униформи, превозот, исхраната, денес, денес тоа се редовни набавки за кои зборуваме како да ги подобриме, а не дали ќе ги подобриме. Денес зборуваме и планираме набавки на лесни оклопни возила, нови оклопни транспортери, нови системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи, нови хеликоптери и многу современо вооружување“, рече министерката.

Петровска порача дека продолжуваат инвестициите и во опрема, но и во човечки капитал и најави дека наскоро ќе започнат консултациите за новите измени во Законот за служба во Армијата кои дополнително ќе го подобрат стандардот на армиските припадници.

Министерката им се заблагодари на членовите на интегрираниот проектен тим за посветеноста во реализацијата на овој проект, како и на амбасадорката на САД и на нашите американски сојузници со кои заедно ја градиме безбедноста, а со тоа и иднината.

Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање истакна дека со ставањето во оперативна готовност на добиените лесни оклопни возила, како и современите средства кои се очекува да пристигнат во понатамошниот период значително се подобрува оперативната способност и борбена готовност на Армијата. На припадниците од 2 пешадиски баталјон во чиј состав се овие современи борбени средства им оддаде признание за остварените резултати и им порача да ги достигнат потребните стандарди во обуката и одржувањето на овие средства.

Амбасадорката Агелер им честиташе на министерката Петровска и граѓаните на Северна Македонија за набавката на овие возила кои се значајни за интероперабилноста во НАТО и за процесот на модернизација.