Меси ќе стане најплатен фудбалер на светот !?
Барселона и аргентинската суперѕвезда се договорија за продолжување на договорот

Четирикратниот освојувач на признанието најдобар фудбалер на светот Лионел Меси договорил продолжување на договорот со Барселона.
Претходниот, којшто го потпиша во февруари минатата година, му беше со важност до 2018.
Барселона допрва ќе објави детали за должината на новиот договор со аргентинската суперѕвезда, којшто сезонава постигна 41 гол на 43 натпревари. Сепак, предвидувањата се дека ќе го надмине Вејн Руни како најдоброплатен играч на светот. Англискиот репрезентативец заработува 19,1 милион евра годишно, Кристијано Роналдо од Реал добива 17,5 милиони евра по сезона, а се смета дека годишната плата на Меси досега е 14,8 милиони евра, според рангирањето на Форбс на листата на најбогатите луѓе на светот на 2013.
„Ревидираниот и обновен договор ќе биде потпишан во наредните неколку дена“, стои во соопштението коешто денеска го издаде Барселона, но шпанските медиуми шпекулираат дека Меси ќе се обврзе на верност со клубот за уште една дополнителна сезона, до јуни 2019 и оти најверојатно ќе биде платен 20 милиони евра по сезона, плус другите бонуси.
Лионел Меси е дел од Ла Масиа од неговата 13-та година. За клубот досега постигна 342 гола на 405 натпревари, откако за првиот тим дебитираше во октомври 2004. За нешто помалку од десет години со клубот освои 21 трофеј, меѓу кои шест титули во Ла Лига, три пехари во Лигата на шампионите и два Кралски купа на Шпанија.
Веста за новиот договор е објавена ден пред можната нова шампионска круна на Барселона во домашната лига. на Каталонците утре им претстои решевачкиот дуел со Атлетико Мадрид од последното 38.коло. Ако победи на „Камп Ноу“, турбулентната сезона сепак ќе ја заврши со одбрана на приматот.
