Куманово

Ќе се чекаат европски пари за мостот во Пчиња

22.06.2023 12:11

Општината ќе чека средства од Европската унија за да го реконструира мостот во Пчиња. Кумановскиот градоначалник појасни дека општината нема пари за ваква инвестиција, а државата вели не покажува интерес за помош. Предупредување за мостот издаде ЦУК, а пчињани бараат итна интервенција …

Ќе се чекаат европски пари за реконструкција на мостот во село Пчиња. Општината сама нема средства за ваква инвестиција, информираше кумановскиот градоначалник Димитриевски. Тој појасни дека проектот е изготвен, но бидејќи е траса од регионално значење која го поврзува Куманово со неколку села, но и соседна Општина Петровец, се надевал на помош од државата. Инвестицијата вели е скапа најмалку 300.000 евра. Како што рече било ветено од тогашниот министер за животна средина, но не се реализирало.

„Ние аплицираме на два проекти во ЕУ, едниот е за реконструкција на мостот на река Пчиња во село Пчиња и вториот е изградба на нов мост во село Довезенце преку Крива Река. Во моментов се аплицирани и чекаме одговор да видиме што ќе се случи. Општината нема финансиски капацитет, да го реши овој проблем“, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Двата столбови на мостот на Пчиња беа дополнително оштетени по последните врнежи. Жители на истоименото село за македонската телевизија информираа дека стравуваат за својата безбедност и побараа итна интервенција. Мостот сè уште не е затворен за сообраќај, иако Центарот за управување со кризи излезе со соопштение за внимателност при поминувањето. Пчињани предупредија и дека при евентуален пад на мостот ќе бидат отсечени неколку села, односно најмалку 250 жители. Мостот на Пчиња е изграден во 60-тите години од тогашна ЈНА.

 

Елена Георгиевска