Вучиќ на средба со Борел
Шефот на европската дипломатија Борел ги повика српскиот претседател и косовскиот премиер на итна средба во Брисел, за да се најде излез од актуелната криза. Борел на твитер напиша дека е потребна итна деескалација и нови избори на северот на Косово, со учество на припадниците на српската заедница. Вучиќ денеска изјави дека заминува во Брисел, но дека нема да разговара со Курти, туку само со Борел...

Српскиот претседателот Вучиќ ќе оди во Брисел, на средба со високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Борел, сепак, нема да разговара со премиерот на Косово, Курти.
„Нема да разговарам со Албин Курти во Брисел, нема смисла да разговарам со него. Ќе разговарам со шефот на Европската дипломатија, Жозеп Борел. Србија е во тешка ситуација и под голем притисок. Почнаа апсења јужно од Ибар, а единствена цел им е да ги протераат Србите од Косово и Метохија. Мора брзо да почнеме со работа“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Борел ги покани Вучиќ и Курти, на итен состанок за изнаоѓање решение од актуелната криза на северот на земјата.
Рече дека е потребна итна деескалација и нови избори на северот на Косово, со учество на припадници на српската заедница.
Косовскиот премиер Курти потврди дека ќе отпатува за Брисел.
„Ја одредив мојата рута од Рим да одам во Брисел, и го потврдувам моето учество на состанокот за дијалог на високо ниво свикан од високиот претставник Борел“, наведе Курти.
Тензиите на северот на Косово се зголемија од крајот на мај, што во неколку наврати доведе до насилство. Локалното српско население се противи на доаѓањето на градоначалниците Албанци. Србите ги бојкотираа априлските локални избори и сега не ги прифаќаат резултатите.
Косовската полиција уапси шест лица од северот под сомнение дека учествувале во криминални активности, а на тројца им е изречена мерка притвор од еден месец.
Ситуацијата дополнително се заостри по апсењето на косовските полицајци од страна на српските сили.
Марина Ристова
