ОЈО: Против Мерко се поднесени 6 пријави од повеќе здруженија и граѓани
Во струшкото обвинителство во почеток е и предистражната постапка по друг предмет од мај годинава...

Според евиденцијата на Јавното обвинителство, против Рамиз Мерко се поднесени 6 пријави од повеќе здруженија и граѓани, за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Во струшкото обвинителство во почеток е и предистражната постапка по друг предмет од мај годинава.
Против Мерко има и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, како и за предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела, злоупотреба на службена положба и овластување и измама против струшкиот градоначалник и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. Во текот на изминатите години против него се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции. Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално негово влијание врз постапките, се вели во соопштението. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ги испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, соопштуваат од Јавното обвинителство.
