Маричиќ: Уставните измени не се заглавени, туку Владата сака да и даде шанса на опозицијата да се премисли
Уставните измени не се заглавени, тврди Маричиќ. Демантира дека вршат притисок врз опозициските пратеници. МАНУ подготвува зборник со конкретни насоки што треба да направиме на патот кон Европската унија…

Јули е краен рок за испорака на уставните амандмани до Собранието, ако Владата сака да го постигне условот до ноември, годинава, да ја отвори втората Меѓувладина конференција со Брисел. Вицепремиерот Маричиќ. вели дека измените на Уставот не се заглавени во процедурата, туку Владата сака да и даде шанса на опозицијата да се премисли. Тој повтори – течат разговорите со сите пратеници, но одрече дека се вршат притисоци.
И академската фела се вклучува во процесот. Во посебен зборник, кој ќе се достави до Владата, ќе бидат истакнати слабостите во системот, а експертите ќе предложат и конкретни решенија за нивно отстранување. Академик Фити, истакнува оти земјава има предност во макроекономската стабилност и во бизнис-климата, но нема квалитет во доменот на институциите.
Академик Владо Камбовски, вели дека со иницијативата за внесување на Бугарите во Уставот тропаме на, како што вели, отворена врата, бидејќи во преамбулата, како што наведе, постои генерална клаузула која зборува „за други народи, односно заедници“. Камбовски смета дека дијалогот за ова прашање треба да продолжи, но со исклучиво издржани аргументи.
Анита Димитријевска Велковска
