Битола

Граѓаните револтирани од одлуката на Обвинителството за Јана, најавуваат протест

22.06.2023 13:16

Вечер протест на битолчани поради незадоволство од одлуката на Обвинителството, за причините за смртта на 6-годишната Јана. Родителите најавуваат странска експертиза...

По смртта на 6-годишната Јана, во март годинава, конечно излезе извештајот од Јавното обвинителство. Граѓаните и блиски роднини револтирани од наодите, најавуваат уште еден, трет по ред протест пред битолското Јавно обвинителство.

Во извештајот на Обвинителството, стои дека Јана починала од срцев удар предизвикан од пневмонија и дека не е пронајден пропуст во лекувањето.

„Имајќи го предвид вештачењето, засновано на целокупната медицинска документација, здравствена историја на починатата, како и исказите на испитаните здравствени работници и родителите, нема кривично дело во медицинскиот третман на 6-годишната Јана. Утврдено е дека постапките на сите здравствени работници кои учествувале во лекувањето на Јана, биле во согласност со сите правила и начела на медицината“, велат од Јавното обвинителство.

Јана немала никакви симптоми на бронхопневмонија, ниту константна температура, отежнато дишење ниту пак кашлица, во болница била однесена на нозе, по примената инфузија, целата ситуација се влошила.

„Остануваме на ставот дека станува збор за лекарска грешка и ќе бараме странска експертиза“, велат родителите на Јана.

Адвокатот на семејството доставил барање до Обвинителството за вештачење на компјутерот на педијатриското одделение, затоа што не се совпаѓаат извештаите за часот кога настапила смртта.

Александра Максимовска