Рецепти на Џејми Оливер за здрава исхрана на децата

16.05.2014 17:26

Над 700 дечиња сечкаа салата од овошје и зеленчук според рецептот на британскиот готвач Џејми Оливер. Велат - здрава храна јадат секој ден, но не се имуни и на слатки...

Нашето поднебје изобилува со овошје и зеленчук, нема оправдување за здравата исхрана – потсетуваат нутриционистите. Градинките веќе почнаа да ги применуваат нивните менија. За поголема свест за здрава храна во образовниот процес треба да се воведе предмет хигиена на исхраната - велат познавачите на здрава храна.

„Каква хемија ќе прими мојот организам зависи од тоа што јас денеска внесувам. Се може од време на време да јаде, но не смее ниту еден ден да се помине без свежа храна. Свежото овошје свежиот зеленчук и водата се носителите на нашето здравје пред се за здравјето на нашите деца“, вели Цветанка Динева, дипломиран нутриционист- консултант.

Денеска се одбележува денот на револуцијата во исхраната инцицијативата за здрава храна се реализира во 72 земји во светот.

„Платформата на Џејми Оливер претставува светска иницијатива  која има за цел да ги собере повеќе иницијативни луѓе во светот кои ќе организираат настани и ќе го подигнат гласот за важноста на здравата храна и готвењето“, изјави Маја Лазаревска, Амбасадор на фондацијата за храна „Џејми Оливер“ за Македонија.

„Со тоа ќе имаме нови генерации на здрави деца чиј избор на дневното мени ќе биде свежи, природни производи богати со нутративни вредности“, изјави Цветанка Христовска, бренд директорка на Тинекс.

Голем  број родители бараат помош од нутриционистите за своите деца. Дебелината станува глобален проблем. Над 50 проценти од децата во училиштата имаа вишок килограми, а 20-тина проценти се со прекумерна тежина- велат нутриционистите. 

Се поголем е бројот на деца со вишок на килограми, епидемија на алергии, па дури и срцеви заболувања, а тоа е главен показател за лошата исхрана.

Андријана Атанасовска