Судство

Против Мерко се поднесени шест пријави за злоупотреба на службена положба

22.06.2023 14:27

Во струшкото Обвинителство, против Мерко, во почеток е и предистражната постапка по друг предмет од мај годинава. Против него има и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, како и за предмет по анонимна кривична пријава за измама поврзана со експропријација на земјиште во Струга. Ќе се бара одговорност за сите обвинители кои постапувале неажурно...

Според евиденцијата на Јавното обвинителство, против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се поднесени шест пријави од повеќе здруженија и граѓани, за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Во струшкото Обвинителство во почеток е и предистражната постапка по друг предмет, од мај годинава. Против Мерко се води и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, како и постапка за предмет по анонимна кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и измама поврзана со експропријација на земјиште во Струга.

Во текот на изминатите години против него се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави, од различни субјекти и институции.

„Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот стејт департмент за потенцијално негово влијание врз постапките, се вели во соопштението. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ги испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

И Судскиот совет ќе ги проверува наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка, во поглед на ставањето на струшкиот градоначалник Рамис Мерко и неговото семејство на црната листа на САД, квалификувајќи го како неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значајна корупција. Ќе биде формирана посебна комисија, која ќе врши контрола во судот.

На Мерко, ова му е четврт мандат како градоначалник на општина Струга, тој беше и пратеник на ДУИ и министер за странски инвестиции. Мерко и денес остана недостапен за медиумите.

Соња Рилковска