Прибак, Петриќ и Марковиќ ги продолжија договорите

16.05.2014 17:28

Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар ги продолжи договорите со тројцата „староседелци“ во клубот.

Уште една година во Скопје остануваат Немања Прибак, Владимир Петриќ и Добривоје Марковиќ. Тие  се најдоа во поголемата група ракометари кои му останаа верни на црвено-црниот дрес.

Прибак ќе ја почне петата сезона во Вардар, Марковиќ четвртата , исто како и највозрасниот Петриќ кој во август ќе наполни  39 години и најверојатно ќе ја заврши  кариерата  во овој  клуб.

Вардар сака да ги сочува ракометарите кои учествуваа  во освојувањето на ланската домашна првенствена титула, а оваа сезона го постигнаа најголемиот клупски успех во Европа со пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите и со пехарот од Сеха лигата.

„Црвено-црните“  претходно ги продолжија договорите со Тимур Дибиров (6 години), Страхиња Милиќ (5 години), Игор Карачиќ, Илија Абутовиќ (3 години) и Алем Тоскиќ (1+1 година).

Екипата  веќе се засили со Блаженко Лацкович и Сергеј Горбок а наскоро се очекува и расплетот за трансферот на голманот Арпад Штербик.

Клубот го напушта голманот Златко Даскаловски кој заминува во романскиот прволигаш Темишвар и Мите Стоилов кој исто така се сели во Романија во екипата на Одорхеи.