Светските новинарски здруженија молчат за отказот на уредничка на „Њујорк тајмс“

16.05.2014 17:36

Молк од светските новинарски здруженија и организацииза отпуштањето на Џил Абрамсон, главен уредник на најтиражниот американски дневен весник „Њујорк тајмс“ и уредничката на францускиот весник „Монд“, Натали Нугеред.

Неочекувано, пред неколку дена, Џил Абрамсон добила отказ од издавачот Артур Шулцбергер. Веста за отпуштањето предизвика бура од шпекулации во американските медиуми.

Списанието„Њујоркер“ објави дека причината  била што  Абрамсон  дознала оти нејзиниот претходник на оваа позиција Бил Kелер, имал многу поголема плата и пензиски надоместок ,па и таа побарала исто толку.

Платата на главниот уредник на „Њујорк тајмс“ се крие од јавноста, но  се проценува дека изнесува повеќе стотици илјади долари годишно. Нов главен уредник на весникот е Дин Бакет, прв Афроамериканец на оваа позиција.

Слична судбина ја снајде и уредничката на францускиот весник „Монд“, Натали Нугеред која заедно со уште неколку главни уредници по неколку месеци несогласувања со раководството на весникот за реорганизација на редакцијата беа заменети од Управата.

Во развиениот демократски свет смената на главните уредници е нормална работа и поминува без особено внимание на наводните душегрижници за слободата на медиумите.

Во слични ситуации, кога станува збор за балкансите држави,тие ги злоупотребуваат нормалните процеси во медиумите во политички цели.

 

Наташа Гркова-Петрушевска