Брисел бара итно ослободување на косовските полицајци
По четиричасовниот состанок, мислам дека двајцата лидери ја сфатија сериозноста на ситуацијата, но очигледно е дека тие се во различна ситуација, со различен пристап, поинакво толкување на причините и на последиците“, изјави шефот на европската дипломатија Борел...

По четиричасовниот состанок, мислам дека двајцата лидери ја сфатија сериозноста на ситуацијата, но очигледно е дека тие се во различна ситуација, со различен пристап, поинакво толкување на причините и на последиците“, изјави шефот на европската дипломатија Борел по средбите со премиерот на Косово и лидерот на Србија, Курти и Вучиќ. Брисел, меѓудругото бара и итно ослободување на тројцата косовски полицајци и истрага за третманот на уапсените од косовските власти.
„За да одиме напред, дадов конкретни предлози базирани врз споменатите услови на Европската унија. Барем во овој контекст се согласивме за потребата од нови избори и дискусија за модалитетите и чекорите до нив. Сè уште не сме до целта, но барем знаеме како да продолжиме, кои се различните алтернативи и процеси“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.
„Не можам да кажам дека закажавме нешто и не можам да потврдам дека имаме некаква мапа пред нас. Вистинскиот проблем е што е секогаш лесно да се искара некој и од нашата и од другата страна, но на крајот, не е лесно да се најде решение. Дискутиравме за прашањата, за суштинската работа денес, што секако беше неизбежно, но верувам и корисно. Не знам што ќе видиме утре на теренот“, изјави Александар Вучиќ, претседател ан Србија.
Курти изрази подготвеност за нови вонредни избори на северот од Косово и за повлекување на полицијата од општинските згради во четирите северни општини, но откако ќе се финализира законската рамка. Според него, полицијата на северот останува да реагира, а не да интервенира.
