Холандски експерт ќе и помага на прилепска „Милина“ да оствари поголем извоз

16.05.2014 17:42

Кога е во прашање квалитетот и проверениот прехранбен производ, од огромно значење се искуството и советите од странските експерти од владиниот проект. Холандски експерт неколку недели ќе и помага на фабриката за сладолед во Прилеп за поквалитетно производство и поуспешен извоз...

Како да се откријат тајните на квалитетната и здрава храна? Македонскиот сладолед го најде рецептот- експерт од Холандија советува домашен производител на сладолед за примена на знаења и нови технологии во процесот.

„Мое е да го пренесам тридецениското искуство во технологијата при производството на сладоледот, во подобрување на вкусот и составот, а овде има желба да се докаже квалитетот“, вели Мишел Липс, експерт од Холандија.

Македонскиот производител кој вложи неколку милиони евра во нови машини за дневно производство до 40 тони на летниот незаобиколив производ, доби одговор како да го задржи и одржи квалиттеот.

„Научивме како самата суровина да ја прочитаме, составот на суровината и да направиме една добра рецептура каде ќе имаме сооднос на протеини, масеност, шќер. Денеска имаме извоз за Босна,  ни е договорен извоз за Бугарија и за Албанија, извезуваме на Косово, во Македонија, а веќе е во преговори и за Скандинавските земји“, вели Бранко Јованоски сопственик на фабрика за сладолед „Милина“.

Досега 105 компании побараа државата да посредува со експертите од преработувачката, информатичката индустрија, од туризмот, образованието, земјоделските дејности.

До април, 15 експерти од Холандија, Германија, Швајцарија и од ЕБРД ги советуваа македонските производители. Според владиниот проект на секои два месеци ќе доаѓаат нови 15-ина експерти.

Според стручњаците, резултати дава наменското ангажирање  странски практичари кои ја познаваат домашната фискална политика.

И во втората фаза од владиниот  проект странските експерти  ќе ги зголемуваат способноста и профитабилноста на компаниите.

 

Елизабета Митреска