Косово

Брисел бара деескалација на северот на Косово и предвремени избори

23.06.2023 12:29

Брисел бара безусловна деескалација на северот на Косово и предвремени избори. На средбата со Вучиќ и Курти, Борел побарал итно ослободување на тројцата косовски полицајци. На терен, ситуацијата статус кво...

„Безусловна деескалација и предвремени избори“ – ова е пораката на шефот на европската дипломатија Борел по средбите со премиерот на Косово и лидерот на Србија, Курти и Вучиќ. Брисел, меѓу другото, бара и итно ослободување на тројцата косовски полицајци и истрага за третманот на уапсените од косовските власти.

„По четиричасовниот состанок, мислам дека двајцата лидери ја сфатија сериозноста на ситуацијата, но очигледно е дека тие се во различна ситуација, со различен пристап, поинакво толкување на причините и на последиците. За да одиме напред, дадов конкретни предлози базирани врз споменатите услови на Европската унија. Барем во овој контекст се согласивме за потребата од нови избори и дискусија за модалитетите и чекорите до нив. Сè уште не сме до целта, но барем знаеме како да продолжиме, кои се различните алтернативи и процеси“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

„Не можам да кажам дека закажавме нешто и не можам да потврдам дека имаме некаква мапа пред нас. Вистинскиот проблем е што е секогаш лесно да се искара некој и од нашата и од другата страна, но на крајот, не е лесно да се најде решение. Дискутиравме за прашањата, за суштинската работа денес, што секако беше неизбежно, но верувам и корисно. Не знам што ќе видиме утре на теренот“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Курти изрази подготвеност за нови вонредни избори на северот од Косово и за повлекување на полицијата од општинските згради во четирите северни општини, но откако ќе се финализира законската рамка. Според него, полицијата на северот останува да реагира, а не да интервенира.

„Мора да најдеме вистинско решение, а не да работиме надвор од законот. Можно е да има петиција на граѓаните во која ќе се бара да биде прекинат мандатот на градоначалниците на тие општини. Јас сум подготвен да помогнам за тоа, но не можеме да посегаме по незаконски решенија затоа што тоа ќе создаде дополнителни проблеми. Деескалацијата, според мене, треба да значи отстранување на насилните екстремисти, криминални и нелегални групи, по што веднаш би следело намалување на присуството на косовската полиција во општинските згради“, изјави Курти.

Во меѓувреме, состојбата во Косово не се менува. На неколку места повторно се организирани протести. Превозниците со српски регистарски таблички и натаму чекаат дозвола за влез на административните премини. Приштина им дозволи влез само на оние кои носат странска стока.

 

 

Маја С. Филдишев