Авиосообраќај

Отворена сезонска авиолинија Скопје – Осло

23.06.2023 13:04

Од скопскиот аеродром, директно ќе се патува и за Осло. Новата авиокомпанија „Норвеџиан“ ќе лета два пати неделно, понеделник и петок. Засега авиолинијата ќе биде сезонска, со намера да биде редовна. Авиосообраќајот на двата македонски аеродроми е зголемен за 44 проценти, споредбено со лани...

Со воден мост за добредојде, на скопскиот аеродром свечено пречекан првиот лет од норвешката престолнина Осло. Со летот оперира скандинавската компанија „Норвеџиан ерлајнс“, ќе се лета два пати неделно, в понеделник и в петок.

Патниците на релацијата Скопје - Осло може да очекуваат комфор, вкусна кујна и широк спектар на опции за забава во рамките на тричасовниот лет, информираат надлежните. Капетан на првиот авион, што од Осло слета во Скопје, беше жена.

ТАВ Македонија продолжува да бележи позитивен тренд на закрепнување во авиосообраќајот, информираат од компанијата. Во рамките на периодот од пет месеци годинава, ТАВ Македонија опслужила повеќе од еден милион патници на двата македонски аеродроми, во Скопје и во Охрид или зголемување од 45 насто во однос на ланскиот период.

 

Марија Котовска