Црна Гора

Тренчевска: Елиминирање на говорот на омраза и дискриминацијата се клучни во остварувањето на човековите права

23.06.2023 13:27

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествува на меѓународната конференција „Човековите права во рамките на заштитата од дискриминација“, во Црна Гора. Конференцијата ја отвори министерот за човекови и малцински права на Црна Гора, Фатмир Ѓека, кој беше воедно и домаќин на настанот. Воведно обраќање имаше и амбасадорот на Република Северна Македонија во Црна Гора, Н. Е Зеќир Рамчиловиќ..

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествува на меѓународната конференција „Човековите права во рамките на заштитата од дискриминација“, во Црна Гора.

Конференцијата ја отвори министерот за човекови и малцински права на Црна Гора, Фатмир Ѓека, кој беше воедно и домаќин на настанот. Воведно обраќање имаше и амбасадорот на Република Северна Македонија во Црна Гора, Н. Е Зеќир Рамчиловиќ, а учествуваа министри на земјите од регионот, претставници на меѓународни организации и Европската Унија.

Министерката Тренчевска се обрати на панелот „Борбата против говорот на омраза – современа област на антидискриминацијата“, каде што се осврна на стереотипите за родовите улоги во општеството, за говорот на омраза, како и за одговорноста на секој поединец во општеството особено јавните личности за почитување на човековите права и ненасилна комуникација.

„Неинформираноста и неприфаќањето на различностите се дел од клучните причини за постоење на стереотипи и предрасуди за жените и мажите во општеството. Секој стереотип и предрасуда води кон дискриминација, нееднаков третман и непочитување на луѓето, а тоа води кон кршење на човековите права и општествените вредности“, посочи Тренчевска.

Таа се осврна на состојбата на ова прашањето за родова еднаквост и говорот на омраза во македонското општество, при што истакна дека е направен огромен исчекор напред во последните 5 години.

„Во овој момент имаме 43% жени пратенички во Парламентот, 35% жени советнички во локалните самоуправи и 5 жени министерки. Но тоа не е доволно да кажеме дека нашето општество е родово сензитивно и дека де факто овозможува еднакви можности. Колку повеќе жените се присутни во процесите на одлучување, толку повеќе говорот на омраза во медиумите е изразен“, истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека и покрај посветеноста и напорите коишто се вложуваат во сензибилизација на општеството, говорот на омраза е една од најчестите форми на нетолеранција и ксенофобија.

„Со жалење можам да потврдам дека социјалните мрежи во последните неколку месеци се местото на организирање на првите антиродови движења кај нас, кои се полни со говор на омраза, омаловажување, стигматизирање, а тоа е она што особено загрижува. Новиот Закон за родова еднаквост, на кој повеќе од посветено работи Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика, е цел на овие движења, кои воопшто не се во насока на проевропските аспирации кои ги негуваме како држава и како Влада. Закон кој треба да промовира еднаквост, можности за сите, создава жигосување и нетолеранција“, истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека одговорност кон почитување на човековите права и ненасилна комуникација има секој поединец во општеството, посебно кога станува збор за личности кои се дел од јавниот живот.

На панел дискусијата стана збор и за говорот на омраза, кој особено стана изразен со појавата и ширењето на употребата на интернетот и друштвените мрежи. Во таа насока, министерката посочи дека младите жени, жените од јавниот живот и жените политичарки се мета на говор на омраза во секојдневното живеење.