Балканот под вода- во тек масовна евакуација

16.05.2014 17:52

На барање на Белград и Сараево активирана е цивилната заштита на Еропската Унија...

Балканот под вода. Во Србија и Босна и Хецеговина е во тек масовна евакуација. Одредени делови се без електрична енергија, храна и вода се доставува со чамци и хеликоптери, во прекин патниот сообраќај и мобилната мрежа. Населението e во  паника.

„Го оставив деведесетгодишниот татко, неможев да го спасам, водата ми го однесе и добитокот...  Двете куќи се под вода, ова е втор пат како сме поплавени, навистина не знам што да кажам...“, велат жителите.

Најсериозна е состојбата во Обреновац,  80 насто од градот е под вода. Сериозна закана е мостот кој може да се урне во секој момент. Се  спасуваат жителите кои се на покривите на куќите. Властите предупредуваат дека  Сава може да достигне до 6,5 метра. Во Свилајнац и Параќин 15.000 чекаат помош.

„Свесен сум за тешката ситуација во сите региони во Србија. Му кажав на градоначалникот на Коцељево да престане да се жали. Сме ја обновиле земјата и во потешки ситуации“, изјави премиерот на Србија, Александар Вучиќ.

Во спасувачките акции вклучени се хеликоптери и војската. Згора на се’, во Лесковац  снежно невреме….

„Тоа беше торнадо. За пет минути го уништи целиот крај“, ја опиша ситуацијата жител на Лесковац.

Вчера водата однесе пет животи, денеска еден се води за исчезнат. Во Босна и Херцеговина, градот Шамац е во опасност од две реки – Босна ги поплави улиците, Сава се заканува да ги пробие одбранбените насипи. Во Вогошќа се урнаа осум куќи, има тројца повредени. Во Хрватска, хеликоптери го евакуираат населението во Маглај. Црвениот аларм е сменет во жолт.

 

Марија Петковска