Билатерални односи

Премиерот Ковачевски оствари телефонски разговор со премиерот Денков

23.06.2023 14:48

Телефонски разговор меѓу премиерите Ковачевски - Денков. Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда. Софија очекува Македонија да ги прифати измените на Уставот според договореното. Уставните измени во македонскиот парламент, во рок од две недели, вели известувачот за Македонија, Илхан Ќучук...

Ковачевски повторно со апел до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во процесот на уставните измени, зашто како што рече, блокадите не водат никаде, туку им штетат на граѓаните коишто сакаат да живеат во земја-членка на Европската унија. Вели-сега е моментот за носење важни одлуки, зашто со отворањето на поглавјата ќе се забрза евроинтегративниот пат, за кој Ковачевски уверува дека ќе заврши до крајот на 2030 година.

Во телефонскиот разговор на македонскиот и бугарскиот премиер констатирано – Скопје и Софија треба да работат на добрососедските односи во интерес на граѓаните. За тоа треба да придонесе позитивната реторика за градење меѓусебна доверба.

„Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните“, се наведува во соопштението.

Бугарија од земјава бара почитување на преговарачката рамка и измени на Уставот. Софија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, но предуслов е исполнување на договореното во Советот на ЕУ.

„Какви напори да вложуваме во развојот на меѓусебните односи, тие ќе останат во втор план или нема да се реализираат, ако прашањето на вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, не биде решено соодветно“ - нагласил бугарскиот премиер Денков.

Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук вели дека за две недели уставните измени влегуваат во собраниска процедура.

Иницијативата за измени на Уставот од работната група сè уште се во Владата. Премиерот вели - ќе се разгледаат на една од наредните седници.

 

Игор Панов