Истекува рокот за отстранување на чамците долж охридското крајбрежјето
Со цел непречено користење на плажите долж брегот на охридското езеро Општина Охрид ги повика сопствениците на пловни објекти пред почетокот на летната сезона да ги отстранат. Рокот изминува денеска и доколку тоа не го направат граѓаните јавните претпријатија ќе започнат акција за нивно отстранување, а трошоците ќе бидат на товар на сопствениците...

Денеска изминува рокот којшто Општина Охрид им го даде на сопствениците на пловни објекти за да ги отстранат од крајбрежниот појас каде што плажите се користат за капење, спорт и рекреација. Особено тоа се однесува на култната плажа во стариот дел на градот Сараиште и крајбрежјето пред туристичката населба Пештани.
„Се надевам дека граѓаните ќе излезат во пресрет затоа што дополнително и во Пештани отстранувањето значи довршување на она кое што е веќе отпочнато, детско игралиште, односно дислокација на едно детско игралиште за да можат нормално и најмладите таму да уживаат во Пештани. Така што се надевам дека граѓаните достоинствено ќе ја завршат својата работа врз основа на повикот“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Повикот за отстранување на чамците пред шпицот на сезоната е долгогодишна практика која ќе прекине само доколку во Планот за управување со охридското крајбрежје се предвиди локација за изградба на марина каде ќе се чуваат пловните објекти.
„Мислам дека е во ред да се врши тоа тековно одржување на плажите со оглед на тоа дека навлеговме во туристичката сезона, меѓутоа треба и да застанеме малку со тие импровизации и на нашиов град му е потребна, неопходна му е изградба на марина. Потребно е и локација да одбереме и да знаат кајчарите каде да ги ставаат своите пловни објекти“.
„Убава е акцијата, во ред, ја поддржувам, меѓутоа за да биде таква акција мислам дека мораме да имаме место, марина да се изгради каде би ги чувале сите чамците и не би имале никаков проблем. На тој начин би ги избегнале сите ситуации што се случуваат, некој можеби не е тука“.
Доколку граѓаните до крајот на денов не ги отстранат чамците општинските јавни претпријатија ќе започнат акција за нивно отстранување, а трошоците ќе ги платат сопствениците на пловните објекти.
Сашо Нелоски
