Политика

Партиите со меѓусебни обвинувања за Мерко, бараат негова оставка

23.06.2023 15:00

Не стивнуваат ниту партиските реакции. Опозицијата од македонскиот и албанскиот политички блок бараат одговорност, не само од Мерко, туку и од Ковачевски. Од владиниот партнер, Алијанса за Албанците со став – со одлуката на САД се потврдија обвинувањата за корупција, мешање во судството и проневера на јавни средства…

Не можел Мерко, сам, без поддршка од Ахмети и Ковачевски да влијае на судските процеси, да злоупотребува и да врши корупција, како што нотираат од Стејт департментот – констатираат во ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата за скандалот бараат одговорност за сите лица кои се директно и индиректно инволвирани.

Мицкоски е претседател на партија со криминално стекнат имот врз грбот на граѓаните, со конфискувана бела палата и со почесен претседател на црната листа на САД, велат од СДСМ. Алтернатива на Гаши, смета дека случајот Мерко да се остави во рацете на институциите и никој да не преземе политичка одговорност е класично лицемерие.

Струшкиот огранок на владиниот партнер, Алијанса за Албанците, побара градоначалникот Мерко да си поднесе оставка.

ДУИ молчи и го поддржува Рамиз Мерко во неговите криминали, велат од партискиот огранок на БЕСА во Струга.

Рамиз Мерко, откако од САД беше прогласен за „персона нон грата“, ги замрзна функциите во ДУИ, но не поднесе оставка на градоначалничката функција. Обвинителството соопшти дека против него се водат шест кривични предмети.

Миле Ристески