По 23-ти пат од Велес запловија гемиите на вардарската регата
50 учесници, меѓу нив и двајца од Брчко три дена ќе пловат по реката Вардар од Велес до Удово, на 23 вардарска регата. По неколку години меѓу учесниците и една девојка...

Претпладнево по 23-ти пат запловија учесниците на „Вардарската регата“. Од под Мало мовче тие тргнаа по стапките на велешани, кои својата стока со чамци ја носеле до Солун, заради продажба. Годинава 50 лица пловат на седум чамци, ќе веслаат три дена а крајната цел е Удово. Првата етапа е попладнево базата на НАТО кампот, утре сабота до Демир Капија и третиот ден, недела до Удово.
Во регатата вклучени се извидници, ветерани учесници на регатите од нејзини почетоци, пожарникарите, членови на Црвен крст Велес, кајакари. Нивото на реката Вардар е добро за пловење а брзината на водата 7 до 8 км на час. Учесник на сите 23 регати е Владо Стојановски.
Вардарската регата е финансиски помогната од Општина Велес. Пред тргнувањето градоначалникот Марко Колев, по традиција фрли венец во чест на споменот на велешките Гемиџии, Солунските атентатори.
Петар Печков
