Украина

По заканата за бунт на Пригожин, Кремљ нареди апсење на Вагнер

24.06.2023 09:28

Кремљ нареди апсење за лидерот на Вагнер, откако Пригожин се закани со бунт и блокади на Ростов и Москва. Киев продолжува со контраофанзивата. Напади се регистрирани врз украинскиот главен град. Според ОН, во војната која трае 16 месеци загинале над 9.000 цивили.

Регионалните власти на Киев соопштија за повредени лица во напад со проектил врз повеќекатница во украинскиот главен град. Воздухопловните сили пресретнале над 20 руски ракети испалени кон престолнината. Додека трае контраофанзивата, лидерот на приватната воена група „Вагнер“ се пофали дека неговите трупи го презеле воениот команден центар во Ростов на Дон. Пригожин повика на бунт против Министерството за одбрана, обвинувајќи го протераниот министер Шојгу за наредба за ракетен напад врз воените кампови на паравојската во Украина каде што неговите сили се борат во името на Русија. Москва го зголеми нивото на безбедносни мерки.

„Дојдовме овде и сакаме да го фатиме началникот на генерал-штабот Герасимов и министерот Шојгу. Додека не дојдат, ќе останеме овде, ќе го блокираме Ростов и одиме во Москва. Главниот команден центар функционира нормално, нема проблеми. Ниеден офицер не е отстранет од работното место“, изјави Евгениј Пригожин - лидер на Вагнер.

Кремљ нареди негово апсење. Постарите руски воени офицери побараа групата да запре со напорите за вооружен бунт.

„Престанете веднаш. Непријателот чека да види ескалација на домашната политичка ситуација. Пред да биде доцна, мора и треба да се покориме на волјата и наредбите од избраниот претседател на Руската федерација, да ги запреме конвоите на Вагнер и да ги вратиме на локациите за распоредување“, изјави генерал-полковник Сергеј Суровикин.

„Ова е нож во грбот на земјата и на претседателот. Само тој има право да назначи лидер на вооружените сили, а вие се обидувате да ја заземете неговата моќ. Ова е државен удар. Барам од вас да се премислите, не правете го тоа сега. Не може да се замисли посилен удар на имиџот ан Русија и нејзините сили, таква провокација може да организираат само непријатели на Русија“, рече Генерал-потполковник Владимир Алексејев.

Според ОН, во војната која трае 16 месеци загинале над 9.000 цивили.