Кичево

Кичево рекордер по број на напади од кучиња скитници во регионот

24.06.2023 11:58

Кичево рекордер по бројот на напади од кучиња скитници во Југозападниот регион. Речиси секој ден има пријава, само годинава евидентирани се 127 пријави од нападнати граѓани. Кичевчани се исплашени, но и револтирани, велат најзагрозени се децата и повозрасните лица...

Општина Кичево, рекордер по број на напади од кучиња скитници во Југозападниот регион во земјава. Според полициската статистика речиси секој ден некој бил нападнат од куче.

Од СВР Охрид велат дека од 1 јануари до средината на јуни во кичевскиот регион се регистрирани 127 напади и каснувања од кучиња скитници, за разлика од истиот период лани кога се евидентирани 121 пријава. Граѓаните се исплашени, но и револтирани, велат најзагрозени се децата и повозрасните лица.

„Има каснато како нема, кучиња се тоа. Треба да се соберат на едно место да бидат“, вели еден кичевчанец.

„Ги има многу, ги носат и од другите градови. Кај центарот ги има многу на плоштад, тука и лежат во паркот“, вели друг кичевчанец.

Со години се зборува за хуман третман на кучињата скитници, нивно обележување, кастрација и стерилизација, со цел намалување на популацијата, но процесот сè уште не е започнат.

„Се зборуваше за тоа дека Кичево ќе се отвори стационар за згрижување на кучињата, ако се отвори би било одлично. Тоа што кучињата каснуваат се должи на тоа што и самите кучиња се плашат од луѓето“, вели друг кичевчанец.

„Повеќе се заштитени кучињата отколку луѓето што се заштитени. Кога ќе тргнам по улицата до негде дрво носам за да се одбранам, и кога одам нагоре пак го земам“, вели еден кичевчанец.

За истиот временски период, од јануари до средината на јуни, во Охрид се евидентирани само 5 напади од кучиња скитници, а во Струга 26 случаи.

 

Соња Рилковска