Политика

Ставови на партиите околу уставните измени

24.06.2023 15:06

Уставните измени и натаму се топка која си ја префрлаат власта и опозицијата. Првите го повикаа ВМРО-ДПМНЕ да се од важи и да почне со формирањето на работните групи за амандманите, вторите велат дека СДС и Ковачевски тактизираат поради ДУИ и заминувањето во политичка пензија на оваа партија...

НАТО, Договорот од Преспа, продолжување на преговорите со ЕУ и договорот ФРОНТЕКС. СДСМ обвинува дека опозицијата досега не поддржала ниту една стратешка одлука за државата. Бараат ВМРО-ДПМНЕ да направи чекор со кој ќе и овозможи европска иднина на Македонија.

„Сега е време за нова одлука за продолжување на европскиот пат. ДПМНЕ и Мицкоски имаат шанса макар еднаш да покажат државничко однесување. Можеме да застанеме заедно, рамо до рамо за државниот интерес а тоа е членство во ЕУ. Подадовме рака за дијалог, се случи лидерска средба на која се доближија ставовите. ДПМНЕ прифати уставни измени и учество во заедничка Влада, го призна легитимитетот на Владата и на Собранието и сега дијалогот треба да продолжи за деталите околу уставните измени“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ веќе повтори дека нема уставни измени под бугарски диктат. Инсистира на гаранции од Европската Унија дека нема да има нови барања.

„СДС и Ковачевски сè уште тактизираат бидејќи не сакаат да го пуштат Али Ахмети и ДУИ во опозиција. СДС и Ковачевски не сакаат да го заштитат националниот интерес на државата и да обезбедат сигурна и брза интеграција во ЕУ“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку биде прифатено менувањето на Уставот, истото да почне да важи од полноправното членство на Македонија во ЕУ. Според лидерот на опозицијата, неопходни се предвремени парламентарни избори.

 

 

Катерина Топалова