Силното невреме и обилните врнежи предизвикаа штети во Охрид и регионот
Околу единаесет часот и триесет минути Охрид и Охридскиот регион беше зафатен од силно невреме проследено со силни врнежи од дожд и град. Обилните врнежи ги поплавија улиците, поради што водата навлезе во некои приземни објекти и подрумски простории, а невремето најголеми штети предизвика на овошките и градинарските култури...

Силното невреме проследено со интензивен дожд, грмежи и град со големина на лешник, па дури и орев го погоди Охрид и неговата околина помеѓу 11 часот и 30 минути и 12 часот и петнаесет минути. Поројниот дожд и градот ги поплавија улиците поради што водата навлезе во приземни простории и подруми на повеќе објекти. Но, сепак се чини дека најголеми штети претрпеа земјоделските површини.
Изјави дадоа и жители на Охрид.
„Поплавена беше, полна цела улица, вода течеше тука, натаму исто навлезе водата кај комшиите поплава“.
„Побаравме, никој не дојде сами се справувавме, црпевме со кофи оттука. Во ходникот влезе, ова се полно беше, ходникот, внатре, јас дека на приземје сум“.
Веднаш по големото невреме заседаваше Општинскиот штаб и сите јавни претпријатија добија задачи за справување со последиците, при што поддршка добија и од противпожарната служба. Покрај надминување на проблемот со поплавените улици и домови тие ги расчистуваа јавните простори од гранки коишто паднаа поради обилните врнежи и силниот ветер.
„Очигледно штетите се многу поголеми на земјоделските површини и она што во Охрид традиционално охридската цреша веќе беше период за берење, а понатаму и за продажба. Допрва ќе се формираат комисиите на кои ќе се одлучува колкави се штетите и верувам дека тука ќе бидат најголеми штетите“, изјави Кирил- градоначалник на Охрид.
Во некои охридски села невремето предизвика проблеми со електричната енергија, а а на некои делови од патиштата беа забележани наноси предизвикани од поројниот дожд. Пецаков најави дека состојбата ќе се нормализира најдоцна до вечерните часови.
Сашо Нелоски
