Руско украинска војна

Кремљ нареди апсење на лидерот на Вагнер, откако Пригожин се закани со бунт

24.06.2023 19:20

Хаотична состојба во Русија. Рускиот претседател Путин и командантот на паравоената група Пригожин влегоа во директен и оружен конфликт. Шефот на Кремљ обвинува за предавство, Пригожин негира. Во меѓувреме во Ростов на дон се слушале експлозии, распоредени се тенкови, блокиран е црвениот плоштад. Запад стравува во чии раце ќе се најде руското нуклеарно оружје. Ердоган со поддршка на рускиот претседател...

Москва воведе антитерористички мерки, Кремљ бара апсење на шефот на паравојската Вагнер поради заканите за блокада на главниот град и на Ростов, но и за бунт против руското Министерство за одбрана поради наводен обид за ракетен напад врз воените кампови на групата во Украина. Пред Центарот на Вагнер во Санкт Петербург, зголемено полициско присуство.

„Во однос на предавството на татковината, претседателот многу греши. Ние сме патриоти на нашата земја. Се боревме и се бориме. Сите борци на Вагнер“, изјави Евгениј Пригожин - лидер на Вагнер.

Претседателот Путин со вонредно обраќање за состојбата. Руските генерали со апел до Пригожин.

„Оние кои се обидуваат да организираат бунт ја туркаат земјата кон анархија и братоубиствен пораз и предавство на крајот. Секоја внатрешна турбуленција, смртоносна закана за нашата државност, за нас како нација, е удат за Русија и народот. Нашите акции за заштита на татковината од таквата закана ќе бидат силни“, Владимир Путин - претседател на Русија.

„Пред да биде доцна, мора и треба да се покориме на волјата и наредбите од избраниот претседател на Руската федерација, да ги запреме конвоите на Вагнер и да ги вратиме на локациите за распоредување“, рече генерал-полковник Сергеј Суровикин.

„Ова е нож во грбот на земјата и на претседателот. Само тој има право да назначи лидер на вооружените сили, а вие се обидувате да ја заземете неговата моќ. Ова е државен удар“, рече генерал-потполковник Владимир Алексејев.

Светските лидери со внимателност ја следат најновата ситуација.

„Се гледа што неоправданата агресија во Украина предизвика и во Руската федерација, загриженост што Руската федерација е нуклеарна сила, што значи дека од највисок интерес е ова оружје да не падне во погрешни раце“, додаде Карл Нехамер - канцелар на Австрија.

Пригожин има ограничена моќ. Локална моќ. Ако владата се обедини против ова – ограничено присуство“, изјави Румен Радев • претседател на Бугарија.

Русите збунети од тенковите на улиците на Ростов. На бензиските станици во овој град регистрирани колони возила. Украинците се надеваат на слабеење на моќта на трупите на противникот.

„Ова е забавно. Мора да гледаме и да навиваме за двете страни. Се надевам дека ќе нè остават на мир и ќе се натпреваруваат меѓусебно“, изјави жител

„Мислев дека вакво нешто ќе почне по крајот на војната. Но добро е што почна порано. Путин ќе повлече трупи зашто ќе му треба помош таму, за нас ќе биде полесно“, додаде друг.

Во меѓувреме, жртви во напад со проектил врз повеќекатница во украинскиот главен град. Воздухопловните сили пресретнале над 20 руски ракети истрелани кон Киев.

„Не знам што да кажам, всушност не го слушнав предупредувањето. Се будев кога доаѓаа ракетите. По неколку минути, одекна експлозија, видов блесок и за секунда нешто излета од прозорците“, рече жител.

Според ОН, во војната која трае 16 месеци загинале над 9.000 цивили.

 

 

Маја С.Филдишев