Руско-украински конфликт

Пригожин ги повлече трупите на Вагнер од Русија, Кремљ го запре судскиот процес против него

25.06.2023 09:57

Шефот на паравојската Вагнер, Пригожин и неговите трупи се повлекоа од Русија. Кремљ претходно објави дека е постигнат договор според кој Пригожин заминува во соседна Белорусија...

Шефот на паравојската Вагнер, Пригожин и неговите трупи се повлекоа од Русија. Кремљ претходно објави дека е постигнат договор според кој Пригожин заминува во соседна Белорусија и не подлежи на судење поради наредбата за марш до Москва.

„Сакаа да ја растурат паравојската Вагнер. На 23 јуни го почнавме маршот на правдата. Марширавме 24 часа и застанавме на 200 километри од Москва. За овој период, нашите борци не пролеаја ни капка крв“, изјави Евгениј Пригожин - Лидер на Вагнер.

„Борците нема да одат на судење поради заслугите на фронтот. Ние ги почитуваме нивните херојски акти и така ќе остане. Што ќе се случи со Пригожин? Се затвора кривичната постапка против него и тој оди во Белорусија. Главната цел беше да се спречи крвопролевање и меѓународен судир со невидени последици“, рече Дмитриј Песков - портпарол на Кремљ.

Приватната армија на Пригожин ги зазеде воените штабови во Ростов, град на околу 1.000 километри од Москва, кои ги контролираат операциите во Украина. Неговата војска се врати во теренските кампови на фронтот каде што се бори заедно со руската редовна војска.

„Човекот од Кремљ очигледно се плаши многу и веројатно се крие некаде, не се појавува. Сигурен сум дека не е веќе во Москва. Се јавува некаде и бара нешто. Знае од што се плаши бидејќи самиот си ја создаде заканата. Сето зло, сета загуба, сета омраза ги шири токму тој“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

„Чудна е приказнава со вооружените лица кои се над законот. Како адвокат разбирам дека тоа секогаш доаѓа во судир со законот. Неважно е дали се група во градот или во војна. Но, за среќа, процесот се реши“, изјави жител.

„Ништо не знам, не следам вести, се трудам да не ги читам, си го чувам менталното здравје“, додаде друг жител.

„Ми се допадна како зборуваше и како се однесуваше, но ова што го прави сега, за мене, е предавство бидејќи се сврте против нас во ваков период. Мислам дека греши, си има политички амбиции“, рече друг жител.

Со спогодбата се спречи кризата која се смета за најголемиот предизвик за дводецениското владеење на претседателот Путин.

 

Маја С. Филдишев