Археологија

Се конзервира и истражува археолошкиот локалитет „Билазора“

25.06.2023 12:21

Археолозите од Штипскиот и Светиниколскиот музеј и од Филозофскиот факултет на УКИМ го истражуваат и конзервираат археолошкиот локалитет Билазора кај село Кнежје, Општина Свети Николе. Апелираат до надлежните да го решат деценискиот проблем за да можат да ја доистражат владетелската палата која укажува дека во Овче Поле била лоцирана античката престолнина на Пајонците.

Повеќе од десет години се истражува археолошкиот локалитет „Билазора“ кај Свети Николе. Според откриените над илјада артефакти кои се наоѓаат во Светиниколскиот музеј, утврдено е дека се работи за античка престолнина од 4 век пред новата ера. Доказ е владетелската палата која на овој антички град му ги дава сите обележја на административен центар. Но на патот на целосно истражување на владетелската палата и заокружување на наодите, стојат десеттина метри квадратни кои се наоѓаат во парцела во приватна сопственост.

Во тек е конзервација на дел од откриените градби. Штипскиот музеј подготвува проект и за натамошни истражувања.

Од до сега истраженото археолозите од Филозофскиот факултет на УКИМ, имаат публикувано десеттина научни трудови и две книги кои се изучуваат на неколку факултети за археологија во светот.

 

 

Славица Величковска