Регион

Повторени парламентарни избори во Грција

25.06.2023 13:07

Грците денеска повторно гласаат на парламентарни избори откако по мајските избори ниту една од партиите не успеаја да освои доволен број пратенички места за формирање влада. Последните анкети покажуваат победа на Нова демократија на Мицотакис...

Грција на повтореното гласање избира меѓу Мицотакис и Ципрас, лидерите на Нова демократија и Сириза. Ако им се верува на анкетите конзервативецот Мицотакис треба да победи и да освои меѓу 155 и 160 места, или 40 насто од гласовите, во атинскиот парламент што би му било доволно самостојно да формира влада. Веќе гласаше претседателката Сакеларопуло, а тоа го сторија и лидерите на најголемите партии.

„Ова е ден на радост и на одговорност. Гласаме вторпат за неколку недели, земјата мора да добие стабилна и ефикасна влада со четиригодишен мандат. Сигурен сум дека граѓаните ќе го дадат гласот за личниот и семејниот просперитет за социјална правда во Грција. Се надевам дека излезноста на гласањето ќе биде повисока од 21 мај“, изјави Кирјакос Мицотакис лидер на Нова демократија.

Според грчките медиуми, Мицотакис изјавил и дека сите балкански држави треба да станат членки на Европската унија до 2033-та година. Според истите истражувања, најсилната опозициска партија Сириза, треба да добие 20 насто од гласовите. Лидерот на партијата, Ципрас, по гласањето го критикуваше постоечкиот изборен законик.

„Гласаме во систем на засилена пропорционалност, што му дава 50 насто бонус во мандати на победничката партија. Однапред се одредува кој ќе владее во наредните четири години. Треба да решиме дали ќе имаме влада која може да се контролира или урамнотежен политички систем. Затоа, со силна Сириза се означуваат силното општество и здравата демократија“, изјави Алексис Ципрас-лидер на Сириза.

Постизборните комбинаторики ќе бидат дополнети со резултатите на мера25, партијата на Варуфакис, поранешниот министер за финансии во владата на Ципрас, со пасок на Папандреу и со комунистичка партија која секогаш настапува самостојно. Гласањето на околу 10 милиони грци е задолжително, а првите изборни резултати се очекуваат по 20 часот.

 

Зоран Богатинов