Куманово

Четиричлено семејство од село Косматац бара помош

25.06.2023 13:20

Четиричлено семејство од село Косматац апелира за помош. Дел од нивниот дом се заканува да се урне. Семејството живее од социјална помош и не е во можност само да ја реновира.

Дел од старата и дотраена куќа во којашто живее Вите Димков од село Косматац со својата сопруга и двете ќерки, се заканува да се урне. Овој педесет и тригодишен кумановец за македонската телевизија раскажа дека стравува за безбедноста, особено за една од ќерките која е со попреченост. Вели средства за реконструција немам, живееме од социјална помош од 9.000 денари. Тој и сопругата се невработени.

Во четврток, кога заврна дождот попладне седнавме да јадеме и слушнавме силен звук, излеговме и видовме. Попуштени се гредите, стара е куќата. Со 9.000 не можам да постигнам ништо, да направам. На дете треба да му дадеш на училиште, сега е на пракса, мора да купи јадење, пиење-вели тој.

Ова семејство нема ниту вода, па дел од животните коишто ги имале биле принудени да ги продадат. Вода за пиење сега носат од селото.

И со вода имаме проблем немаме вода, водата ја носиме од крстот за пиење, овде како влезе дивеч не е во ред. Немаме ниту пат, водата го однесе и тоа е целосно и превоз немаме од сите линии сме отсечени-дополни Димков.

Семејството Димков се надева дека нивните повици за помош ќе допрат до оние кои можат да им помогнат, да имаат безбеден дом.

 

Елена Георгиевска