Со фестивалот на виното отворена туристичката сезона во Охрид
Со фестивал на виното охриѓани ја отворија главната туристичка сезона на која учество зедоа над дваесет најпознати македонски винарии. Овој настан привлече големо внимание кај туристите и домаќините кои уживаа во вкусот на квалитетните македонски вина зачинети со добра музика...

Се спушти завесата на второто издание на Охридскиот вински фестивал со кој беше означен почетокот на главната туристичка сезона. Манифестацијата мина во прекрасна атмосфера при што гостите од земјава и странство заедно со своите домаќини уживаа во вкусот на квалитетното македонско вино, закуските и убавата музика.
„Ова е токму вистинско време кога ќе се прави една ваква манифестација за Охрид, затоа што со ова се повеќе гости се привлекуваат“, изјави жител.
„Прекрасно е, апсолутно е прекрасно. Доаѓаме од Норвешка и тука сме за прв пат“, рече туристка од Норвешка.
„Одлични се и црвеното и белото вино, се е многу добро“, рече турист од Норвешка.
„Прв пат сме овде, македонските вина се вкусни. Пробавме тиквешко и неготинско и двете се многу квалитетни“, додаде турист од Србија.
„Виното е вкусно, има убава боја и е добро, бидејќи воопшто нема шеќер“, изјави туристка од Србија.
Од посетеноста беа задоволни претставниците на винариите и организаторите на фестивалот.
„Македонските го сакаат најмногу белото вино како на пример Мускат, Темјаника и Сувињон, а странските гости застапени во Охрид го бараат македонскиот Вранец од црвените вина, Кабернетот македонски“, изјави претставник на винарија.
„Ова е нешто што беше потребно за нашите туристи и е стварно добар начин да се отвори оваа сезона“, рече претставничка на винарија.
„Ова е можам да кажам различен пристап кон понудата за Охрид. Ние сме навикнати на тие малку поинакви музики и култури, а ова ќе биде како една добра инекција на Охрид за да се промовира и тој вид култура, тоа е винската култура“, изјави Вик Какаротски-домаќин на фестивалот.
Охридскиот вински фестивал се очекува во иднина да добие и интернационален карактер што ќе биде уште еден адут повеќе за да се привлечат поголем број туристи.
Сашо Нелоски
