Македонската берза сеуште е кревка

16.05.2014 19:12

Македонскиот берзански индекс по неколку години пад во првата половина од месецот, сега е во плус од 2,25 проценти,што е охрабрувачки, вели првиот човек на берзата Иван Штериев.

116 компании  деновиве треба да ги репортираат извештаите  што би било уште еден сигнал  за да  се привлечат инвеститорите.
„Имаме една понагласена позитивна динамика и заклучно со вчерашниот ден, МБИ10 е во плус од 2,25%“, вели директорот на Македонска берза, Иван Штериев и додава дека овие трендови надежно ќе продолжат. 
За Комисијата за хартии од вредност ценовните трендови, ниските промети, пребирливоста на странските и недоволната активност на домашните компании  се ограничувачки фактори.
„Во 2013 година нема ниту една јавна емисија на хартии од вредност што покажува дека компаниите сеуште не го користат пазарот на капитал како извор на финансисрање на своите проекти“, објасни директорката на Комисијата за хартии од вредност, Елизабета Чингароска.
Забрзаниот кредитен раст, забавувањето на растот на нефункционалните кредити, согледувањето на ризиците значи дека растот на економијата ќе продолжи, вели гувернерот на Народната банка.
„Кредитниот раст умерено забрза достигнувајќи 7,5% годишно во март оваа година. Имено, во втората половина од годината се подобрија согледувањата на банките за ризиците во однос на економската активност“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Во наредниот период се очекува нов бран на вложувања кој ќе создаде критична маса на инвеститори. 
 
Дијана Ценевска