Скопје ќе добие современ скејт парк
Скејтерите и блејдерите ќе добијат нов скејт-парк вреден 5 милиони денари, бесплатен влез и 24/7 работно време. Скејт-паркот чија изградба веќе е почната се наоѓа на кејот на Вардар, под Паркот на франкофонијата.

Градоначалникот на Скопје - Коце Трајановски, заедно со Синиша Ивановски- директорот на ЈП „Улица и патишта“, денеска ги проверија активностите на новиот скејт-парк.
Скејт паркот наменет за блејдери, скејтери и бајкери, ќе овозможи добра забава и рекреација за љубителите на овој вид екстремни спортови и во вечерните часови, бидејќи ќе биде добро осветлен.
„Овој скејт-парк ќе биде со димензии 50 на 15 метри. Ќе има многу елементи кои ќе им овозможат на граѓаните кои сакаат да се забавуваат и да се рекреираат во паркот. Може да дојдат со ролерки, со велосипеди. Скејт паркот ќе биде со сите стандарди кои се потребни за овој вид на градби, нема да има проблеми за повредување и слично. Градот Скопје издвои 5 милиони денари за изградба на паркот и се надеваме дека за околу два месеци ќе биде пуштен во употреба“, изјави Коце Трајановски градоначалник на Скопје
