туризам

Дел од охридските хотели веќе ги распродадоа аранжманите за летово

26.06.2023 10:38

Охрид очекува успешна туристичка сезона која ќе биде на рамниште на најдобрите остварувања регистрирани пред пандемијата. Дел од хотелите веќе ги распродадоа аранжманите за ова лето, но сепак експертите велат дека за долгорочни успешени резултати е потребна стратегија која ќе обезбеди предвидливи и подолги туристички сезони …

Претсезоната на Охридското крајбрежје мина успешно за хотелиерите и тие се презадоволни што таа се спои со почетокот на главната туристичка сезона. Враќањето на балканските кружни тури и другите организирани групи странски туристи придонесоа да се зголеми посетеноста на овој наш најголем туристички центар, а најавите говорат дека има голем интерес за Охрид, бидејќи дел од хотелските капацитети уште сега се распродадени.

„За време на туристичката сезона очекуваме одлична посетеност, барем резервациите го говорат истото. Нашиот хотел е целосно распродаден за главната туристичка сезона“, изјави д-р Тоше Чочороски, менаџер на хотели.

„Во претсезоната хотелите се делумно пополнети. Се очекува интересот да се зголеми за време на туристичката сезона каде што веќе има склучени договори со тур-оператори, а најбројни се гостите од Полска, а секако ги има од соседните земји Србија и Бугарија“, изјави Наташа Цветаноска, менаџер на хотел.

Добро е да се прават споредби со најуспешните години во туризмот, но тоа не треба да биде некој вид притисок за туристичкиот сектор, бидејќи има поважни нешта коишто треба да се направат за македонскиот туризам.

„Многу е важно резултатите да бидат подобри од минатата година и се стремиме кон истото, меѓутоа многу оптимистички проекции, се оптоваруваме на ниво на држава со преоптимистички проекции споредувајќи со некои најдобри години од туризмот. Дај боже да биде така, се стремиме кон тоа, меѓутоа не треба да се радуваме од година во година и да носиме ад хок решенија и да сме задоволни со моменталните бројки“, додава д-р Чочороски.

Како држава, град и индустрија треба да се стремиме кон долгорочни проекции со што ќе се обезбедат предвидливи туристички сезони, а тоа може да се оствари само со квалитетни стратегии, вели Чочороски.

 

Сашо Нелоски