Руско-украински конфликт

Шојгу во инспекција на руските сили во Украина

26.06.2023 12:43

По неуспешниот вооружен бунт на платеничката група „Вагнер“, Москва првпат објави снимки од министерот за одбрана, Сергеј Шојгу. Првиот човек на руската одбрана во инспекција на трупите во Украина. Водачот на „Вагнер“, Пригожин, како главна причина за маршот на неговите борци кон Москва ги посочи Шојгу и Герасимов и нивните воени неуспеси. Киев инсистира на воена помош од западот за продолжување на контраофанзивата на југот и истокот од земјата…

Рускиот министер за одбрана Шојгу ги посети војниците во Украина и за прв пат се појави во јавноста по заканите на паравојската Вагнер за бунт против него. Лидерот на групата Пригожин накусо ги презеде воените штабови во јужниот дел на Русија и по Ростов, најави и блокада на Москва, но според договорот постигнат со учество на Белорусија, тој заминува во таа земја и нема да се соочи со судска постапка која претходно беше иницирана од Кремљ.

„Им се заблагодарив на нашите партнери за поддршката, важна ни е и со неа нашите војници можат да одат напред. Рускиот окупатор трпи загуби, а тоа ни е потребно нам. Секоја нивна загуба е долгорочно зајакнување на слободата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кризата во Русија тема и на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Луксембург. Западните земји децидни – не сакаме нуклеарна сила како Русија да влезе во фаза на политичка нестабилност.

„Најважниот заклучок е тоа што војната против Украина, почната од Путин и чудовиштето кое тој го создаде со Вагнер, се врти против него. Чудовиштето дејствува против сопствениот креатор, политичкиот систем покажува слабости, а воената моќ се намалува“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

„Настаните за време на викендот се внатрешно прашање на Русија, но тие повторно ја покажуваат големата стратегиска грешка на претседателот Путин со нелегалното анектирање на Крим и војната во Украина. Додека Русија продолжува со нападот, уште поважно е да продолжи нашата поддршка за Украина“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Според австралискиот премиер, кризата нема да се реши наскоро.

„Руската незаконска инвазија во Украина е катастрофална за украинскиот народ, но и за народот на Русија. Господин Путин мислеше дека ќе може да го прејде меѓународниот закон и граѓаните на Украина и дека ќе владее таму. Најдобро е да се повлече, да си се врати зад своите граници“, порача Ентони Албанез, премиер на Австралија.

Бунтот против Кремљ е внатрешно прашање на Русија – став на официјален Пекинг кој изрази поддршка за Москва.

„Инцидентот на групата Вагнер е руско прашање. Русија е наш пријателски сосед и голем стратегиски партнер во новата ера. Кина ја поддржува Русија во одржувањето на националната стабилност и постигнувањето развој и просперитет“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското МНР.

Во меѓувреме, нови вооружени пресметки се регистрирани околу Запорожје.

Маја С. Филдишев